W.bloggar за страстните блогери

wbloggar-list-thumb

W.bloggar е софтвер за страсните блогери. Освен што е бесплатен, нуди голем број на алатки и уредувачки можности, плус извонредна леснотија на поврзување со блогерските сервиси што постојат на Интернет мрежата.

Клиентски решена софтверска апликација за пишување и уредување на вашиот блог „off-line“ или „on-line“. Генерално вклучува опции што ги нудат повеќето познати веб-базирани блог уредувачи. Една од предностите во користење на w.bloggar е можноста да го уредувате вашиот блог локално и без Интернет конекција. Сите записи што се објавени или чекаат да бидат објавени се зачувуваат на компјутерот. Што се однесува на палетата од сервиси и блог апликации што ги подржува овој софтвер се прилично широка, но еве неколку од познатите: Blogger, TypePad, MSN Spaces, TheBlog, Blogalia, UBlog, MovableType, WordPress, b2, Nucleus, Drupal итн. За сите овие сервиси и алатки има соодветна инструкција за поврзување, но сепак поврзувањето со нив е ептен олеснато, а повеќето блогери најчесто знаат што значи API. Користењето на една апликација како еден интерфејс на повеќе блог платформи е добро помагало.

Уредувач на текст

wbloggar-list.mk

За разлика од WYSIWYG (What You See Is What You Get или добиваш тоа што го гледаш) уредувачите, не го прикажува форматирањето на текстот туку го внесува HTML кодот директно. Корисниците што се запознати барем со основата на HTML кодот полесно ќе се снајдат за разлика од тие што не го познаваат. Но сепак постои „Преглед“ (Preview) во истиот контекст како опција за тоа што сте го напишале со што ќе ја добиете приближно сликата на тоа што покасно ќе го објавите. Вметнувањето на слики или видео е рачно со оглед на фактот дека е само HTML код, сликата треба претходно да е ажурирана на интернет и големината можете да ја уредувате единствено со бројки. Истото се однесува и на видеото или другите елементи што сакате да ги додадете како украс во текстот. Доколку текстот е на Англиски имате на располагање Spell Check што ќе го олесни техничкиот дел околу англиската семантика.

Зошто w.bloggar?

Има повеќе предности при користењето на оваа апликација или слични на неа. Една од нив е можноста да пишувате текст независно од Интернет врската на вашиот компјутер или уред. Некогаш текстовите ги пишувате како скица (драфт) за покасно или друг ден пред да го објавите тој текст можете да го надградите или прочитате со различен пристап и да добиете некаква реална слика за тоа што сте го напишале. Поправката на пропуштени букви или нејасни реченици ќе станат историја, а текстот ќе биде добро испеглан пред да биде достапен за сите. Друга предност е повеќето платформи што можете да ги користите преку еден софтвер. За секоја платформа или членство си внесувате посебно корисничко име плус лозинка еднаш и без големи перипетии го правите само тоа што е битно, а тоа е приказната на самиот текст што сакате да ја споделите. Ако навлеземе малку подетално, сите овие платформи што ги подржува w.bloggar се во потполна синхронизација на целата палета од алатки, уредувања, категории, етикети што ги има и во веб верзијата на оригиналната платформа што ја користите.

Постои и нагодување со CSS стилови на Preview делот со што при прегледување на блог записот можете да добиете поблиска слика до тоа како би изгледал тој запис објавен. Што се однесува во тековното одржување на оваа апликација последно што е лансирано е самостојна (portable) верзија што може да ја користите едноставно на USB уред или слично, притоа без да ја имате маката да ја инсталирате.

w.bloggar е одлична алатка, дури и да не е примарна тогаш може да се користи како стабилна алтернатива за моментот кога би имале инспирација да напишете нешто, а Интернетот „секнал“.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот:

Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе…

Comments are closed.