Викенд разговор за oglasuva.me

oglasuvame_thumb

Неодамна се разгоре дебатата за нашите интернет страни каде што корисниците можат да огласуваат некакви огласи за размена на добра. Eден таков (квалитетно спакуван) проект се истакна како доста инспиративна вибрација и сакаме тоа вибрирање да го споделиме со сите наши гости :).

960pitch

Oglasuva.me е прилично нов интернет сервис за огласување изработен од Дејан Новески и Васил Вангеловски, сопственици на студио за развој на софтвери и интернет апликации Атомидата. Познати се по светски познатиот 960 Layout System (отворен код) и како што самите си го викаат нагалено „викенд проектче“ PYCH – Online python code checker интернет апликација (исто со отворен код).

Интернет огласувањето кај нас има прилично богата конкуренција, од кои причини инспирацијата за изработка на таков веб-сервис?

Идејата за сервисот дојде спонтано што си викаме уз кафе муабет во права смисла на зборот. Сакавме да излеземе со поедноставен за користење сервис и малку да експериментираме со некои идеи од технички аспект. Уште вечерта го почнавме бидејќи брзо ги склопивме спецификациите – функционални и технички, додека го пиевме кафето. Во секој случај, не беше идеја да правиме конкуренција – по наша логика, секому е подобро да огласи на повеќе места. Не сме взаемно исклучиви со другите огласници.

oglasuvame

Една недела развој?

Точно. Пуштен е во употреба после недела дена развој. Нормално е дека за толку кратко време имаше на почетокот по некој баг, а и функционалности кои недостасуваа. Во сегашната форма сервисот е прошируван постепено според фидбекот од корисниците во последниве година дена.

search

Иако со oglasuva.ME е паметно искористена комуникацијата „ме“, тоа припаѓа на црногорски домени? Претставува ли тоа некаков проблем за наоѓање на интернет сервисот од корисниците во Македонија?

Апсолутно никаков проблем нема. Во денешно време, доменот апсолутно не те идентификува географски. Барем надвор од државава. Содржината е на македонски, сервисот е оптимизиран за пребарувачи. Всушност 77% од посетите се од пребарувачи (најголем дел Google), а корисниците се 98% од Македонија, а останатите, од поранешните Југословенски простори и Бугарија. Направивме и неколку кратки (burst) Фејсбук кампањи колку за пополнување содржина и имавме повеќе од добра конверзија. Користењето на тој суфикс наместо .mk ни овозможи и многу побрзо и без бирократија да го регистрираме доменот.

Храбро и за пофалба е можноста да се прочита за технологијата искористена во изработката на oglasuva.me, спомнато е Python, Django и база на податоци PostgreSQL? Може ли да ни раскажете нешто повеќе за имплементацијата на тие технологии во самиот интернет сервис?

tech

Тие технологии ги користиме професионално и од хоби подолго време. Django e популарен framework за веб апликации и е погоден за брз развој на апликации од типот на oglasuva.me. Python ни е омилен јазик. А секогаш кога имаме избор за релационата база во позадина исклучиво користиме PostgreSQL.
Има уште една причина зошто баш PostgreSQL – GIS додатоците. Ги користиме за гео-кодинг на оглас. За да се обележи точка на мапата за оглас не е неопходно да се користи база со географски додатоци. Во моментов главно географските додатоци ги користиме за валидација при внесување оглас. Сите региони за којшто може да се внесе оглас се обележани со полигони (тип на податок во PostGIS) и при секое внесување оглас со точка на мапа се врши проверка дали точката е во соодветниот полигон за одбраниот регион. Имањето ваква база ни отвара простор во иднина да имплементираме визуелизации, пребарувања и агрегации на огласите за недвижнина кои ќе работат поефикасно на географска основа.
Приказите на мапите во моментов се преку наш tile сервер. Генериран од базата на OpenStreetMap. При внесување и преглед на точки на мапите не се користи трет сервис за да се намали вкупното време на вчитување на страницата. Но, не ја исклучуваме можноста во иднина да дадеме избор на корисниците од кој сервис за мапи сакаат да гледаат (Google Maps, Yahoo Maps и слично).
Пребарувачот е многу напреден. Користиме Apache Solr меѓутоа вршиме категоризација во огласите пред индексирање, поддржува Lucene синтакса за пребарување, врши двострани транслитерации (кирилица на латиница и обратно), auto-update и auto-removal, има real time резултати во полето за брзо пребарување и е сосема одделен од базата, што позитивно се одрази на ефективноста на функцијата за пребарување.

Што се случува со социјалните мрежа и oglasuva.me, на пример дали постои профил oglasuva.me преку кој директно ќе се комуницира со интернет сервисот на Facebook и Twitter?

Постојат и двете. И Фејсбук група + профил и Твитер профил. Ги одржувавме 4-6 месеци, меѓутоа немаше некоја посебна интеракција од корисниците. Како примарен начин за комуникации од корисниците ја гледаме формата за контакт на сајтот, која до пред некое време многу често се користеше во обиди да се објавуваат огласи или да се контактираат луѓето кои објавуваат огласи :D.

Пофални зборови за изгледот на oglasuva.me, имаше ли некоја посебна приказна околу тоа?

На дизајнот потрошивме најмногу време. Затоа што го правевме три пати :D. Имајте во предвид дека двајцата сме програмери и немаме смисла за дизајн :D. Прво се нафатив јас (Дејан) да направам дизајн, и нацртав нешто. Решивме да одиме со тоа. Не беше нешто многу лошо. Вечерта го споивме и пуштивме mockup на неколку познаници – дизајнери, и не изрешетаа. Форматот беше сличен на тој моментално, но боите беа неусогласени, лошо комбинирани. Потоа направивме уште еден обид за редизајн за да сватиме дека или треба да ангажираме дизајнер или да купиме готова тема. Бевме малку нестрпливи и купивме тема од Themeforest. Ја прилагодивме и проширивме (добри 12 саати работа во еден ден) и дојде одлично. Логото беше поклон од еден наш пријател, javascript подобрувањата се наши.

Дали е планиран некој начин на заработка од овој веб-сервис, постои ли бизнис модел?

Не е планирана заработка од сервисот, а нити бизнис модел. Сервисот е и ќе остане бесплатен. Нам лично, огласува.ме не направи поискусни, не научи на многу работи надвор од тоа што секојдневно го работиме. Индиректно бенефитиравме од него. Од друга страна, трошоците беа височки: 2 домени, повремени реклами, меѓутоа, не планираме некаква заработка од сервисот. Сервисот е хостиран на ист сервер кој го користиме и за други хоби проекти а и за професионална работа, па во моментов тоа не претставува директен трошок.

Сервисот oglasuva.me е прв пат пуштен во октомври минатата година што значи дека сега наполнил точно ЕДНА година? Честитки…

Благодариме. Тајмингот ви беше одличен. Огласува.ме беше пуштен на 14 октомври, а првиот оглас беше објавен 8 часа подоцна.

Некои најави за oglasuva.me или можеби некој друг проект да најавите за нашите читатели на List.mk?

Огласува.ме е во прилично стабилна состојба во моментов. Последнава година се извршени промени и подобрувања со пратење на навиките на корисниците, а и подобрувања во поглед на перформансите.
Во врска со огласува.ме има многу идеи кои висат во воздух, некои поголеми и позначајни, некои ситни. Но, во догледно време сме преангажирани на професионален план. Некои поголеми и позначајни идеи што можам да ги спомнам:

  • Превод на сервисот на повеќе јазици (бараме доброволци)
  • Проширување на сервисот подалеку од Македонија
  • Дополнителни филтри и начини на прегледување на огласите
  • Изработка на посебна верзија за мобилни уреди
  • Евентуален комплетен редизајн
  • Евентуално преработување и генерализирање на делови од кодот со цел да се отвори и објави целиот код што е во позадина на сервисот

Наредни проекти… Во моментот, апсолутно немаме време за лично наш проект. Имаме некои на ум, но се во многу млад стадиум.

Се надеваме дека ваквата отвореноста и склоноста кон споделувањето ќе помогне во зголемување на свеста кај повеќето програмери и креативци по инспиративното интервју со креаторите на oglasuva.me.

gravatar
Автор: Интервју
За авторот: Споделување на идеи и корисни искуства од нашите гости. Информацијата е најдобра кога е од прва рака и тогаш најефективно ги буди креативните вибрации на нашиот УМ.

Comments are closed.