Рецепт за изработка на проект

recept_thumb

Доколку сакаме да приготвиме проект што треба да биде вкусен и добро послужен на масата, треба да се користат потребните-основни состојки за изработка на еден проект. Тоа не значи: „За приготвување на ова јадење ќе ви требаат 45 минути и ќе ве чини 450 денари…“ – Храна и вино, но слична е презентацијата.

Собирање на потребните состојки

recept

Сепак, овде зборуваме низ призма за проекти што опфаќаат софтверски и веб карактер и резултатот е дигитален. Со мала интервенција верувам дека ќе може да се примени и на другите платформи како што се адвертајзинг, мобилни апликации, продукција на игри и така натаму. Да, за другите платформи си бара и некои додатни зачини.

Состојки:

  • Клиент
  • Задача
  • Припрема
  • Тим (работници)
  • Анализа и планирање
  • Надзорно тело
  • Продукција
  • Тестирање
  • Завршница

Сите други додатоци и извадоци се само шминкање и тикви со расол…

Клиент

klient

За секој проект треба да постои клиент или цел. Во случајот кај нас, потребно е клиент оти многу е тешко да си одредиме цел за беспари. Доколку сега имаме вистински клиент, треба да извлечиме од него (на почетокот) сè што можеме низ низа состаноци и интервјуа со добро избрани прашања. Состаноците не треба да бидат повеќе од два-три и последните треба да ги содржат сите инволвирани работници во проектот за кои веќе се знае дека ќе учествуваат во изработката на директен или индеректен начин. Сите инволвирани, затоа што само така може да произлезат конструктивни прашања со кои ќе се спаси „варење од почеток“ на продукцијата. Најважното е да се соберат сите корисни информации од клиентот, да му се прикаже стабилност и доверба со модел на информирање за текот или изработката на проектот, какви импликации би имало доколку се интервенира во меѓувреме и фактор:проблеми што би можеле да се појават.

Задача

zadacha

Задачата е патот до целта што треба да биде вредноста во очите на клиентот. Секој клиент бара некаква услуга или сервис се со цел да го прошири својот бизнис, да започне нов или да отвори нови платформи за промовирање и индиректна заработка. Доколку клиентот е некаква организација, тогаш тие задачи опфаќаат кревање на свеста кај граѓаните, информирање на јавноста или алатки за создавање и одржување на заедница. Задачата е платформата врза која сите останати состојки од низата имаат смисла.

Припрема

priprema

Сега кога имаме задача треба да создадеме мотив, платформа, средства за изработка и членови на тимот. Мотивот е зачинот „нумеро уно“ за добро изработен и вкусен проект, доколку некој фактор влијае за уништување на тој зачин тогаш нема да постои вкусен проект, но можеби ќе постои само проект. Припремата истотака опфаќа избирање на платформата врз која ќе се изработи тој проекти и средствата што ќе се користат при работата. Градењето на тимот е еден од клучните садови за готвењето на проектот.

Тим (работници)

tim

Кога се гради тимот за изработка на проектот се гледа и способноста на компанијата дали може да ја изработи таа задача. Доколку задачата е разбрана и поставена на маса без стравови од тоа како ќе биде сработена, туку едноставно се знае дека ќе биде сработена, браво за тимот. Но, нормално е дека немора фирмата да е способна, таа само имала среќа да ја добие задачата. Доколку се детектира дека нема капацитет за изработката на задачата од понудената работна сила, тогаш надворешна соработка не е на одмет. Така проектот ќе се изеде на раат и клиентот ќе биде задоволен, што отвара врата за понатамошна соработка и нови препораки. Алчноста, суетите и амбициите се мирудии што го уништуваа вкусот на проектот и обично доведуваат до негово препекување што подоцна никој нема да го изеде.

Анализа и планирање

analiza

Просто и едноставно, анализарата е нацрт планот за средствата што ќе се користат во изработката на проектот. Таа не смее да трае два-три дена (освен ако е мал проектот или ако тимот веќе има изградено параметри на добро темпо) и треба да биде темелна. До толку темелна што треба да се разложи до атом. Сите инволвирани во тимот треба да ја создаваат анализата и тука е клучна соработката со клиентот. Откако ќе се создаде анализата, треба да му се предаде на клиентот кратка описна верзија за динамиката и средствата што ќе се користат при изработката на проектот заедно со крајниот рок. Доклку постојат проблеми средства-динамика-рок, тогаш треба да се земат барањата на маса од сите инволвирани фактори и да се најде заеднички компромис. Доколку домнираат или се наметнуваат барањата од само еден фактор, проектот можеби и никогаш нема да стигне до рерната.

Надзорно тело

nadzor

Кога сè ќе почне да вари во тенџеретo, треба некој да надгледува случајно водата да не преврие, да не почне многу да крчка и до каде се сварени мирудиите. Надгледното тело може да биде еден човек или неколку, без разлика, најбитната работа на ова тело е да не создава дополнителен притисок, да делува како амортизер помеѓу факторите и да создава атмосфера за комоција и кревање на креативните сили.

Продукција

produkcija

Тоа е периодот кога сите знаат што треба работат и работат… остајте ги на раат да работат!

Тестирање

testiranje

Сега модерниот збор за тестирање знаете што е? Quality Assurance, те тоа е! Мене ми е смешно како и повеќето модерни етикети што се лепат на сите страни околу нас, но тоа е тоа. Тестирање, тестирање и секој што може и има дозвола и време да тестира, нека тестира. Многу е битно тој што тестира да нема појма и никаква врска со задачата, ама ПОЈМА ДА НЕМА кога ќе седне да тестира. Само така ќе се видат кои зачини недостасуваат во проектот.

Завршница

zavrsnica

Откако се е испечено, зготвено, спремно за прво послужување пред клиентот, следуваат: барањата, недостатоците, пропуштените чекори и слични завршени/незавршени теми. Но, тоа треба само да го заокружи крајот и проектот наскоро ќе биде послужен на масата.

Белешка на авторот

Овој рецепт е мој манифест за тоа како би изгледало во неколку корисни чекори 90% реализација на проект. Рецептот е создаден од долгогодишното искуство во компаниите во кои сум работел, неколку прочитани книги од областа во која работам и советите од интернет блоговите што ги посетувам секој ден. Нормално дека вие сите имате ваши мислења, рецепти и насоки што ги одредуваат оригиналностите на вашиот проект. Се надевам дека рецептот ќе помогне и ќе донесе вкусни резултати.

Користена инспирација:

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

1 коментар

  1. […] нема логика.Напиши детална спецификација за твојот проект. Добра спецификација носи две работи, го намалува […]