Работа со датотеки во KDE 4+ и запознавање со Dolphin

dolphin-list

Една од убавините во користењето на оваа графичка околина е нејзиниот уредувач на датотеки. Најголемиот адут на KDE SC особено од 4 верзијата па нагоре е Dolphin – file manager, дефинитивно број еден. Наменет за една проста и едноставна намена, соработка со вашите податоци. Но тоа што го прави толку посебен за третманот што го добива, ќе разгледаме во денешната тема…

Распоред

dolphin-default

Изгледот на Dolphin е одлично спакувана интерфејс варијанта каде главните случувања се активни во средниот дел на апликацијата со што споредните информации за датотеките и уредите се наоѓаат од лева и десна страна. Повеќето уредувања и нагодувања за него се наоѓаат во горниот дел што дава прегледна работна околина за соработка со вашите податоци. Во споредните делови каде што се омилените места од лева страна, со преминување на глушецот врз уредот или датотеката што сме ја сместиле таму, добиваме додатна информација за слободната меморија на тој уред или директориум како и можност за уредите директно од тука да ги уредуваме со помош на контeкстното мени со десен клик на глушецот. Тоа е многу битна работа затоа што овозможува брз пристап до опциите што ни ги нуди тој уред. Доколку сакаме повеќе информации да ни се прикажани можеме лесно да ги исклучиме или вклучиме тие прикази со помош на менито за нагодување и истите да ги зачуваме како основни што ќе овозможи ист изглед при секое вклучување.

Флексибилност

Една од главните елементи е можноста за влечење и лепење на омилените датотеки и директориуми од левата страна каде што освен што сами ќе интервенирате таму исто така автоматски ќе се појават и уредите што во моментов сте ги приклучиле во компјуерот. Ако ставите USB мемориски уред или оптички диск во фиоката за оптички дискови веднаш ќе се појави уредот во левиот дел што ви дава брз пристап до се што имате приклучено во моментот кога го користите компјутерот. Истото важи и кога го намалуваме-зголемуваме прозорот на Dolphin, големината на иконите се зголему/намалува според големината на површината за прикажување. Но најбитната флексибилност е можноста за прелистување на документите низ јазичиња (табови). На истиот начин што го среќаваме во модерните интернет прелистувачи денес, така и тука, за секоја сесија можеме да си отвоирме ново јазиче и на тој начин заштедуваме на новоотворени прозори.
Класичните прикажувања на датотеки како мали сликчиња, детално, во листа и иконки е нормално присутно, но има плус две можности за преглед на одделни директориуми што се надвор од кутијата.

dolphin-columns

Колонирање е опција за прегледување на некој директориум во приказ низ колони. Со секое влегување подлабоко и подлабоко во податоците и поддиректорумите на истиот, се отвара нова колона со што добиваме приказ на податоците за тој директориум. Тоа за прв пат се среќава во Mac OS X со што сакајќи или не, ни ги проширува хоризонтите во можностите за работа со датотеки и на други платформи :). Но тоа не е сè, постои и опцијата за поделба на два еднакви дела каде што и двата дела се прикажани одеднаш, нешто слично како Norton Commander на времето. Само што сега тоа искуство овде е проширено и надградено>.

dolphin-tabs

Доколку прелистуваме низ некои слики и истовремено ни треба поголем дел за прикажување на сликите, десниот дел каде што имаме информација за местото каде што се наоѓаме во моментот, може да го рашириме кон лево и сликите што ги прегледуваме да ги прикажува во поголем простор. Така сликите што ги гледаме се поголеми и полесно можеме да ја спознаеме нивната содржина. Но ова не е резервирано само за сликите, во истиот тој дел освен слики може да прегледуваме аудио податоци, видео податоци и слични мултимедијални датотеки. Доколку во моментот прегледуваме mp3 аудио песна, истата може директно со play/pause/stop и слично да ја преслушаме. Целиот тој десен спореден дел сега станува главна мултимедијална платформа што соработува со сите мултимедијални апликации што ги имаме инсталирано на оперативниот систем. На тој начин се овозможува брзо и флексибилно прелистување на датотеките и податоците на компјутерот што е главната поента во користењето на таквиот уредувач на датотеки.

dolphin-preview

Патеката пак, за тоа каде се наоѓаме, е сведена на моделот Breadcrumbs исто така позајмено од интернет сурфачкото искуство што сличното го среќаваме и во Explorer кај Windows 7. Прикажувањето на патека се уредува директно со двоклик на истата за веднаш да се претвори во адресирачка патека каде што внесуваме текстуално адреси.

Кога сме во прикажувањето на информациите за датотеките можеме да избираме што од податоци сакаме да се прикажуваат за секој директориум или датотека. На пример, доколку не сакаме да ја гледаме датата и типот на датотека лесно го исклучуваме тоа преку View менито со штиклирање и веднаш сме ги исклучиле тие дополнителни ифнормации од приказот. Истото се однесува и за малите сликички (thumbs) доколку имаме постар/поспор компјутер може да го исклучиме тоа preview и така сме заштедиле на процесирачка искористеност. Интересен момент е можноста за прикажување интегрирана конзола за страсните корисници на GNU/Linux оперативен систем преку командни линии и тоа директно со секое вклучување на уредувачот на датотеки. Зачувани се сите сегменти што ги опфаќаат желбите и функциите за повеќето регуларни и страсни корисници на овие оперативни системи.

Светли моменти

Со Dolphin опфатени се сите можности што ги нуди еден уредувач со поголем акцент за сопствено поставување на интерфејсот и содржината на тоа што го прикажува. Но можноста за мултимедијална соработка со датотеките директно во него е неколку чекори во предност пред таквите апликации со слична намена.

Во суштина приказната за Dolphin оди рака под рака со KDE Software Compilation 4+ и е дел од таа графичка околина во пакет со развојот на истата.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот:

Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе…

1 коментар