Новото лого на Пепси

pepsi logo

„Кажете Пепси“, За оние што се секогаш млади“, „Пепси генерација“, „Вкус кој ги победува сите други“… се само дел од многуте слогани на Пепси, вториот најпознат пијалок во светот. Од 1950 до 2000-та Пепси претставуваше слика на свежина, младост, енергија….

Препознатливото лого, кое сите добро го знаеме започнало со самото капаче од Пепси уште во триесетите години на минатиот век. Со црвена, бела и сина  во 1941 за поддршка на сојузниците во Втората светска војна. Во 1962 со огромната промена во санс сериф фонт испишан со големи црни букви, кој со мали промени се користеше се до 2008-ма.

Всушност 1962 година Пепси визуелно го оддели Пепси-Кола од Кока-Кола брендот, ракописниот фонт го замени со моќен санс сериф фонт, кој во тоа време бил многу популарен меѓу дизајнот на логоа, и тогаш логото на Кока Кола изгледало доста застарено во споредба со Пепси. Се смета дека токму овој потег со логото и огромниот маркетинг во шеесетите години на минатиот век, довеле до огромна разлика во продажбата во корист на Пепси. Во еден момент таа била и 5 спрема 1. Веќе во средината на 80-тите години, разликата се намалила на 2 спрема 1. Тогаш Кока-Кола го исфрлила слоганот „Нова Кола“ со вкус како на Пепси. Многу брзо маркетинг тимот на Кока Кола сфатил каква грешка е направена и веднаш односно за помалку од 3 месеци кампањата е стопирана. Иако логото на Пепси било подложно на многу измени и варијации, но брановидниот црвен, син и бел круг практично останал ист.

Се до 2008-ма година  кога боите се задржани, но бранот е искривен и неправилен,  моќниот фонт е заменет со тенок и лесен и со мали букви испишан. Пепси се труди со новото лого да биде во тек со времето и на некој начин да се синхронизира со трендовите. И Кока-Кола се синхронизираше, но на сосем поинаков начин.

Ги снема сенките, ги снема лажните капки вода и остана само презентирана белина на црвена позадина, без никакви дополнителни ефекти, едноставно, минималистички, чисто…и најважно моќно.Кога ќе ги погледнеме заедно, новото алуминиумско шише на Кока Кола и лименката на Пепси е доволен доказ дека сме во ера на ултра чист дизајн. Овие производи се двојат од преполните фрижидери и рафтови најмногу заради чистината и белината, или во овој случај, полната црвена и сина боја.

После промоцијата на новото лого на Пепси на интернет започна лавина од критика, од кои повеќето беа негативни. Од моја гледна точка, како фан на едноставноста и чистиот дизајн, каде што секој елемент може да ја појача или ослабне визуелната порака, и доколку би бил во одборот за одлучување на Пепси, сигурно не би го одобрил новото лого. Пепси едноставно ја изгуби полноста и јачината, ја изгуби правилната динамичност, со фонтот ја снема и енергијата, и на крај новото не значи и повозбудливо и помладо, како што би требало да биде. Многу повеќе личи на пакување за масло за моторни возила, кутија за влажни марамици или погледнете ја споредбата со авионската компанија Кореја Ер Лајнс.

Во суштина каде е грешката? Започнува со одделувањето на брановидниот круг од типографијата. Со ова тоа станува засебен елемент кој лебди и препуштен сам на себе едноставно не ја врши работата на икона. Кругот на Пепси и името секогаш биле во интеракција, едно до друго, врз друго, внатре во…и функционираа како не деливи елементи.

Во теоријата за лого дизајн, кругот секогаш ја пренесува пораката на стабилност, цврстина, стагнација…форма како да вели, тука сме, вкоренети, стабилни, постојани.

Пепси е се ова, долго време на пазарот, стабилни и на кои може да им се верува. Но, оваа порака би одговарала за инвеститорите и акционерите во Пепси, но не и јавната публика. Јавната слика на Пепси треба да е забава, енергија, слобода, освежување и сл. Можеби ваквиот круг е активен, покажува некоја динамичност, но не помага, никаде ја нема насмевката што Пепси ја промовира, или можеби ако доволно долго се загледате и ќе ја видите, и ако успеете во тоа, проблемот е што е заглавена внатре во кругот, премногу мала да се појави над еквилибриумот и големата празна позадина. Не помага ниту типографијата.

Тенкиот фонт е скоро невидлив и покажува смиреност, софистираност, авторитет. Ако се гледа секоја буква како посебен елемент, лесно се воочува дека трите први кружни форми се нарушени од SI на крајот. На Е има мал бран. И сето ова со мали букви. Дебелината на секоја буква е механичка, со слободна рака тешко се исцртува, фали човечкиот фактор, ја нема онаа природна линија. Овој фонт е премногу статичен и спор, со брановидниот завршеток на Е не може да се постигне ефектот бидејќи е премногу мал. Лименката дополнително ги успорува работите.

Премногу чист простор, а чистиот простор значи тишина и смиреност. Не за џабе во повеќето галерии ѕидовите се бели, за да сликите и делата дојдат во полн израз. Уште полошо типографијата и симболот не формираат права линија, која би била побрза, туку „Г“ , која дава слика на променливост и инертност. Да се вратиме на Кока Кола. Логото на Кока Кола е се она што Пепси не е.

Ракописнот калиграфски фонт ја има целата топлина на човечката  рака. Кружните букви се живи и сите во еден ист ритам, слободни и развеани. Без разлика колку празен простор има наоколу, во овој случај црвен, има силен контраст и уште повеќе ја истакнува јачината.

Целото лого е направено во два потега, линии кои се директни и многу брзи. И најдобро од се, името е и лого, нема потреба од друг симбол.

Што мислите вие за новото лого на Пепси? Дали мислите дека во брзо време може ќе се вратат по старо? И секако во споредба со Кока Кола.

Ова е официјалната промоција на новата лименка со новото лого.

gravatar
Автор: list
За авторот: Место каде што се собираме и споделуваме информации од дигитална природа со креативен карактер.

Comments are closed.