Напредно пребарување на Интернет

advsearch-thumb

Денешната Интернет средина овозможува најбрзо и најлесно пристапување до нејзините содржини преку пребарувачите како што се Google или Bing. Веб пребарување денеска е клучната машина што го движи целиот Интернет универзум.

Google, Bing и Wolfram Alpha

Само мал милион пати преку ден го посетуваме www.Google.com и за тоа што ни треба и за тоа што не ни треба. Но во целиот тој пристап на комуникација до бараната информација треба нешто да ни овозможи „превоз“. Тоа е чекорот што ретко може да го прескокниме или да поминеме покрај него. Нашата цел на Интернет е да добиеме пристап до бараната информација (податок) што е запишан во дигитална структура. Тој дигитален запис е преведен од нашиот Интернет прелистувач (Firefox, IE, Opera, Safari, Chrome) на современ и визуелно привлечен за око, документ. Затоа што си имаме работа со модерни дигитални документи, истиот тој дигитален материјал може да се обработи на повеќе начини. Сега за сега рецептата за тој клучен алгоритам ја има Google, но тоа полека полека се менува. Ние живееме во универзум во кој само промената е константа. Така и на Google ќе му се случи тоа што му се случува на Internet Explorer последниве неколку години. Ќе биде изложен на сериозна конкуренција :). Така природно ќе се разграни моќта и сите ќе продолжиме да се движиме напред во светот на модерната технологија.

НИЗ ШТО ПРЕБАРУВАМЕ?

Во моментот кога ќе си зададеме наредба дека сега треба нешто да бараме на Интернет, си имаме ментална слика во врска со тоа што треба да го најдеме. Начинот што ќе го примениме за да го направиме тоа што сме го наумиле, ќе се исфилтрира преку инката Google, Bing, WolframAlpha и слично.

Google ни овозможува да пребаруваме низ документот „Интернет страна“ и на тој начин да ја најдеме бараната информација. Со самото тоа што си имаме работа со документ, нас како информација нè интересира наслов, име, коментар, потпис, личност, вест, литература, а во последно време и аудио-видео материјал. Сите тие дигитални записи имаат некоја семантичка структура од која лесно може да се издвои „јазик“ со помошта на Интернет пребарувачот Google. Семантичката структура на документот е комбинација од правила за пишување документ што ги прифатил целиот човечки род како универзална техника за запишување содржина на сопствениот јазик. Поради истата таа семантика Интернет мрежата денес стана еден голем заеднички дигитален универзум со смисла, инаку ќе беше само една обична IPv4 (следна IPv6) адреса за прикачување на некој електричен уред. Во сета таа мешаница од документи, Интернет пребарувачите ни овозможуваат понапредно и полесно пристапување до таа информација и тоа директно во местото на документот каде што е запишана истата.

Пребарување со Google

Slika-1-list

Со самото тоа што ние конкретно и прецизно знаеме каде може да постои таа информација на документот и го насочуваме Интернет пребарувачот точно таму да бара, ние управуваме со Интернет пребарувачот. Кај Google алатот за управување е составен од зборови-операции што му ги задаваме кога пребаруваме нешто или ја користиме можноста Напредно пребарување.

Slika-2-list

Напредно пребарување е опција што веќе овозможува интерактивна форма за управување со Интернет пребарувачот. За Google нема разлика дали ние ќе користиме директни команди во полето за внесување термини или ќе ја користиме интерактивната форма. Тоа зависи од самите нас и нашата потребна информација. Напредното пребарување ни овозможува да бараме по точна реченица точно така како што сме ја впишале во полето за пребарување, конкретна Интернет страна, заобиколување на термини што не сакаме да ни бидат приложени во резултатот, доплнување, регион, датум итн.

Со точно оваа фраза ( “точно оваа фраза“ ) што ја впишуваме помеѓу горни наводници во полето за пребарување, Google ќе ни даде само разултати што ја содржат таквата формулација на реченицата. Тоа ни овозможува да најдеме некој наслов или некој дел од текст за кој точно знаеме во каков контекст може да биде впишан во документот „Интернет страна“.

Slika-3-list

Термини или зборови што сакаме да ги заобиколи Google при пребарувањето ги впишуваме напред со (–) минус. Пример: градски автобуси -Скопје. Во примерот Google ќе ни даде резултати за градски автобуси, но ќе ги тргне резултатите во кои е содржан зборот Скопје. Со минусот напред може да внесуваме колку сакаме зборови се со цел да го насочиме подобро пребарувачот.

Ѕвездичката (*) ни овозможува надополнување на празни места во реченицата за кои не знаеме каков збор стои на тоа место. На пример: Министерот за * Иво Ивановски присуствува на *. Во резултатите Google ќе ни даде веќе надополнети реченици со зборови наместо ѕвездички. Ѕвездичката во случајот со Google заменува цели зборови, не заменува половина збор или делови од зборови.

Ако веќе ни треба информација од конкретна Интернет страна и сакаме Google да ни даде резултати само од неа, тогаш ја користиме операцијата site:www.list.mk. Можеби една од најкорисните операции што ја има во напредните можности за пребарување што ги овозможува овој Интернет пребарувач. Најкорисна е особено за тие веб-страни каде што немаат вградено сопствен пребарувач. Ќе се изненадите какви се резултати може да ви даде оваа можност.

Slika-4-list

OR е една од најинтересните операции за пребарување. Пример: Светско првенство во фудбал 2010 OR 2011 OR 2009. Ако ги ставиме годините, 2009, 2010, 2011 без OR помеѓу нив Google ќе претпоставува дека сите треба да ги има во една Интернет страна и ќе ни даде резулати во кои ги има сите овие години (односно нема да ни даде точни резултати). Благодарение на „OR“ Google ќе ни даде резултати за годината во која се случило првенството и информации за истото.

Во останатиот дел од напредните можности што ги нуди Google пребарувачот има уште подетално и поточно управување со барањата. Опцијата за јазикот на пример, ни овозможува да впишуваме термини на македонски, а пребарувањето да ни даде резултати на француски. Доколку сакаме да добиеме резултати од некоја држава или од било кој дел на светот, тогаш го избираме саканиот регион. Датумот е една од најомилените можности што ги нуди напредното пребарување на Google. Со датумот го намалуваме временскиот опсег т.е. староста на резултатите од барањата и можеме да ги добиеме информациите од изминатиот месец, недела или година.

Слични интернет страници се однесува за пребарување на цели Интернет страни што имаат слична тематика или содржина. Пример: related:www.notformen.mk. Со оваа наредба Google ќе ни даде список на веб-страни што имаат слична тематика или содржина на Интернет страната www.notformen.mk.
Ова се позначајните управувачки операции што може да му ги зададете на Google пребарувачот и да добиете конкретни резултати од барањата. Слободно ве охрабрувам да ги разгледате останатите можности и команди каде што детално и темелно се презентирани можностите што ни ги овозможува Google Интернет пребарувачот.

Пребарување со Bing

Slika-5-list

Исто како Google, и Bing има сопствени управувачки команди/операции што може да му ги задаваме пред и после термините што ги пребаруваме. Но Bing сеуште нема вградена интерактивна форма за напредно пребарување. Во моментов можеме само директно да ги користиме командите во полето за внесување термини. Познатите операции како што се site:, OR, filetype:, location: и уште неколку, може да се сретнат исто така кај напредното пребарување со Bing. Но најинтересната што крена и многу прашина е командата „linkfromdomain:“. Пример: linkfromdomain:list.mk. Со овој оператор Bing ќе ги излиста сите интернет страни што се вметнати како URL линк некаде во содржините на оваа Интернет страна. Навистина популарна операција и многу позната кај Интернет маркетинг специјалистите и техниките за SEO, а добродојдена е и за обичниот корисник. Доколку не ни текнува некој линк до Интернет страна, а бил спомнат во некоја друга веб-страна што ја посетуваме и ја знаеме, тогаш со linkfromdomain: веднаш ќе ги добиеме бараните линкови.

Slika-6-list

Операцијата contains: е омилена кога станува збор за потенцијална информација со дигитален материјал за преземање од Интернет. За разлика од filetype: каде што пребарувањето е ограничено од наведениот тип на документ или датотека, contains: овозможува резултати од Интернет страни што некаде во својата содржина го имаат бараниот документ односно датотека. Пример: македонски фонтови contains:zip. Резултатот од примерот ќе биде интернет страни што имаат информации за кирилични фонтови со македонска азбука спакувани во .zip архива со линк за превземање. Истото може да го направиме со .torrent, .mp3, .avi, .pdf и така натаму.

Slika-7-list

Bing е прилично помлад пребарувач на веб-страни од Google и неговите можности допрва се афирмираат во Интернет светот. Сепак секоја конкуренција е добредојдена, а особено од гледана точка на корисникот. Развојот за подобрување на пребарување низ информациите на Интернет, благодарение на Bing, почна да ја дипрезира доминантната моќ на Google што овозможува поле за натпревар и на други типови Интернет пребарувачи.

WolframAlpha.com

Slika-8-list

За разлика од регуларните Интернет пребарувачи на веб-страни, Wolfram Alpha себе си се нарекува пребарувач на одговори. Овој сервис ги собира сите научни, филозовски, јазични и слични податоци на Интернет во структурирана форма и наместо да генерира спосок од Интернет страни, содржината ја презентира во структурирана формулација на податоци. Овој тип на пребарувач драстично се разликува од семантичкиот пристап кај Google и Bing, напротив Wolfram Alpha користи комплетно математички пристап за презентирање на информација притоа користејќи визуелизација, математички пресметки и статистички податоци. Wolfram Research е позната компанија по својот софтвер Wolfram Mathematica што активно се користи низ сите универзитети во светот. Според нив wolframalpha.com е базиран на оваа софтверска платформа и благодарение на неа корисникот може да пресметува комплекни математички равенки или да открива научни откритија презентирани во структурирана форма. Доколку пребаруваме нешто на Google/Bing постои веројатност да добиеме милиони интернет страни со бараната информација, но Wolfram Alpha ќе ни презентира информации веќе спакувани на разбирлив научен јазик и поткрепени со статистика, дополнителни информации и можност да ги зачувате тие резултати како PDF документ.

Slika-9-list

Потенцијалот на оваа „машина“ за одговори е преголема и се најавува како следниот училишен прибор што ученикот ќе треба да го има во својот ранец како што до вчера го имаше моливот.

Проширување на видиците

Напреднато пребарување денес не се однесува само за напредно користење на Google. Напротив, се однесува на нашата адаптација кон сите тие нови сервиси за пребарување податоци и информации на Интернет. Со тек на време ќе дочекаме поголема палета на Интернет сервиси што овозможуваат пребарување и побрз пристап до информација. Ако сакаме да го искористиме богатството што го има нашата заедничка дигитална свест (Интернет) треба да се адаптираме кон овие нови промени и така да напредуваме во развојот на технологијата. Во блиска иднина секој Интернет пребарувач ќе стане специјалист за некоја област што ќе покрива голем дел од нашите секојдневни Интернет животи. Пребарувачите треба да ги гледаме како средство за превоз на информацијата од местото каде што стои директно до нас. На тој начин сме ја разбрале поентата во врска со тоа како функционира Интернет универзумот и имаме алатки за користење на неговите богатства.

Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 35.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

3 Коментари

  1. […] Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 35, а преземен од следнот линк. […]

  2. […] Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 35, а преземен од следнот линк. […]

  3. […] Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 35, а преземен од следнот линк. […]