Модерна студена војна, Google против Facebook во преземање територии

Google VS Facebook

Незнам колку од вас играле Ризик (една игра со фрлање коцки и завземање територии на мапа), но сето ова со Google и Facebook наликува на една таква игра. Единствената разлика е што целата ситуација се одвива во живо и не засега сите нас, корисниците на Интернет.

Коцките се фрлени

Сега кога Facebook ги фрли коцките и почна со „високо профилната“ игра каде располага со повеќе од 500 милиони корисници. Располага со артилерија од најмалце 300 милиони регистрирани корисници што го донирале својот телефон, адреса, е-пошта и дата на раѓање со пол. Така поткован со добра муниција почна да ја одбележува својата територија насекаде на Интернет со копчето „Like“.
Според Facebook во просек секој корисник има 130 пријатели. Ако е така, една информација споделена преку копчето „Like“ има голема веројатност автоматски да биде споделена со уште плус стотина луѓе.

Google се заштитува

Пред канцелариите на Google

Пред вратите на корпорацијата Google.

Во очекување на потегот на Facebook, Google се подготвува уште од поодамна за ваквите случувања. Во моментов сите бројки се свртени кон Facebook, иако Google е значително појаката и поголемата страна. По обидите за проширување на хоризонтите во сферите на социјалните мрежи преку интернет сервисите Wave и Orkut, како и последниот обид Buzz, некако станува јасно дека на Google му фалат адути за успех. Најблиску до корисниците стигна преку Gmail и YouTube, но тие се многу различни од Facеbook или Twitter. Во моментот кога Facebook почна да ги користи информациите од корисниците за рекламни цели со значително поголема ефикасност, Google AdSense доби сериозна конкуренција. Како одговор на сето тоа Google почна да го штити тоа што го има: бројот на регистрирани корисници на е-пошта Gmail и YouTube. Когa Facebook го направи првиот налет за пренесување корисници и нивни адресирани контакти директно од Gmail на Facebook почна натегањето. Google почна да гради ѕидови околу таа активност. Но затоа и Facebook не овозможува споделување на контакти за корисници со Google и сега кога правите некаков пренос на вашите информации од Gmail членство на Facebook имате неколку предупредувања од Google, а од Facebook за назад нема. Таквите предупредувања за тоа каде ги давате вашите информации/податоци и што ќе се прави со нив не може да биде во едно „I Agree“, туку е спакувано како предупредување. Е сега јасно е како ден, дека ова е последица на нивната кавга во која Google сака да се прикаже како добриот граѓанин, демек еве ние ги предупредуваме нашите корисници. До сега истото беше со ситни букви на дното од страницата обележано со ѕвездичка.

Facebook со ниски удари

Канцелариите на Facebook

Новите канцеларии во Facebook.

Во активностите на Facebook најдобар показател за насоката во која се движат е прилепувањето кон Microsoft и соработката со нив, а со тоа прилично оддалечувајќи се од Google. Microsoft располага со корисници што одговараат на профилот погоден за Facebook. Тоа му овозможува на социјалниот пристап побрзо да се рашири и да добие на квантитет. Начинот на кој го прави тоа Facebook е многу слично со тоа што на времето го правеше Microsoft. Иако е наменето и зависи од корисниците, најважно е да се манипулира со нив и на тој начин да се стигне до саканата цел, односно продажба на рекламен простор во квалитетно избрани целни групи и соодветна содржина. Таквата статистика со толкава точност е многу голема вредност денес. Се работи за потенцијален пазар каде што точно знаете каде да пласирате производ и неговата веројатност за да се продаде е огромна. Плус начинот со одбележување на територија од надворешни интернет извори е проширување на таа комуникација со потенцијалните клиенти-корисници. Имајќи ги падовите на злоупотребата на податоците за корисници сепак Facebook, иако во моментов е во поповолна позиција од Google, неможе да се натпреварува со некој што е гуру на интернет сцената. Патетиката на Facebook се одразува со изјавите од типот google.com е демоде интернет страна и затоа ставете ја facebook.com како прва страна во интернет прелистувачот. Со започнувањето на соработката со Skype за користење на опциите за видео конференција во живо директно од страницата на Facebook и сега создавањето на алтернативен сервис за електронска пошта што ќе гласи korisnik@facebook.com е јасен контра удар директно на територијата на Google. Да, можеби тоа ќе расклацка сериозни столбови кај Googlе, но затоа Google Me ќе биде следното копче што ќе почнеме да го гледаме насекаде каде што ќе посетуваме содржина на Интернет.

Разврска

Каква ќе биде разврската зависи од нас, корисниците на тие услуги. Дали ние ќе овозможиме едната страна да надвладее или со нашите активности ќе направиме еден баланс помеѓу овие два поларитети останува да видиме каква колективна свест имаме. По последниве случувања, голем број на звучни имиња вработени во Google се префрлија во просториите на Facebook. Силиконската долина е прилично расклатена во збиднувањата. Како одговор на тоа Google даде покачување на сите вработени за 10% и плус 1000 долари бонус. Кон оваа, за Google неповолна состојба, придонесоа и неуспешните инвестирања во некои продукти што беа пласирани на Интернет во последните две-три години. Таквите неуспеси и стагнации се покажаа како појаки затресувања во фирмата. Се зголемија препукувањата од страна на Facebook со што ја девалвираше и работата на Google во слободниот софтвер. Демек Google допринесуваат кон отворен код само ако тоа го прават сите други. Но дури и да е така плачковски како што изгледа, Facebook e цело ниво под Google во развој на таа свест и затоа неможе таквите изјави да ги сваќаме сериозно. Facebook нема кредибилитет во таа област за да му ги сваќаме таквите „експертски“ изјави здраво за готово.

Корисници

Корисниците и начниот на кој истите се третираат.

И така во тој вртлог што го создаваат на Интернет – Facebook кој што сешто привлекува кон него и Google од друга страна кој веќе добро ја разбира играта и е навистина стар играч, корисниците ќе бидат во многу интересна позиција. Освен што ќе треба да ги користат нивните услуги со максимална внимателност, треба да бидат свесни дека со сите податоци со кои располага некоја од овие компании, било каква промена во нивната политика ќе се рефлектира директно врз нивните едноставни животи. Затоа треба да постои свесност за таа Интернет игранка и со какви последици може да биде по самите корисници. Во случајов, бројот на корисници се обработува како податок за обработливо земјиште што се анализира на ниво на нива. Но импликациите нема да бидат така безболни и сезонски, тие се директно поврзани со сите тие душички што си ги донирале тие лични информации за сега да бидат обработувани на таков неблагодарен начин.

Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 32.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

2 Коментари

  1. […] This post was mentioned on Twitter by Blagoj Kapsarov. Blagoj Kapsarov said: RT: @listmk: Блог: Модерна студена војна, Google против Facebook во преземање терит… http://bit.ly/dI5CL4 […]

  2. […] трка со социјални мрежи на Интернет и натпреварот помеѓу големите компании за тоа кој да земе поголем дел од […]