Интервју со Дарко Булдиоски а.к.а. @darko156

Дарко Булдиоски е еден од ретките домашни војсководачи на социјалната интернет банда што секогаш е во прва борбена линија за одбрана на приказната Интернет. Може да го најдеме на Twitter како @darko156, на Facebook: darko.buldioski и LinkedIn: darko156.

Дарко е основач на NewMediaMK – Интернет Маркетинг Агенција, а учествувал во создавањето на добро познатиот блог komunikacii.net и тазе лансираниот 140.mk Twitter директориум.

Што е тоа интернет маркетинг (ИМ), на литературен македонски? И под кои познати кратенки се среќава ИМ низ глобалниот интернет?

New Media Veb Strana

Не дека ќе ја откирјам Америка, ама ајде ете: тоа е маркетинг на производи, услуги, компании и оганизации на интернет. Кратенки или синоними: e-marketing, online marketing, дигитален маркетинг па дури и интерактивен маркетинг што може во дадена ситуација да излегува и надвор од интернет.

Дали во Македонија може да се понуди таква услуга, има ли заинтересираност за тој начин на комуникација и дали компаниите можат да си го дозволат тоа?

Секако дека може да се понудат услуги од овој тип. Во Македонија половина од населението користи интернет. Голем дел од нив го користат како примарен извор на информации кои понатаму влијаат и при донесеување на голем број одлуки за купување на одредени производи или услуги. Алатките и каналите на комуникација кои се користат во рамките на интернет маркетингот се далеку поефтини од оние во традиционалниот маркетинг. Токму затоа и не постои голема причина да се сомнева човек дека компаниите не можат да си го дозволат. На крајот на краиштата, ако ги користат правилно овие алатки може да ги постигнат истите цели со помалку средства.

Сега кога имаме некои бројки за потенцијалот на МИС (македонската интернет сцена) кај нас дали би променил/предложил нешто според тебе за работиве да се придвижат во позитивна насока?

Ах, не обожавам американски стил на кратенки ;). МИС треба да расте и тоа треба да расте и да се развива уште многу. Како прво треба секоја компанија која има присуство на интернет да се запраша зошто го прави тоа. Да си ги преиспита целите и начините на кои се обидува да ги постигне истите. Следно е, секако, да провери дали нивните активности соодветствуваат со зададените цели. Ако се е во ред до тука, а најчесто не е, тогаш треба да се запрашаат: дали може подобро?

Потребно е локалните компании сериозно да ја сфатат моќта на интернет маркетингот и да бидат доволно храбри за да им дадат шанса на новите алатки. Благодарение на експресните резултати, тие самите веднаш ќе знаат на што се, и ќе можат да одлучат што и како понатаму.

Има ли можности за техничка изведба на интернет сервиси и производи во Македонија? Дали нашите програмери можат да го збогатат тоа искуство на посетителите со квалитетни проекти?

140.mk

Со години наназад упорно стојам на ставот дека во Македонија за побрз развој на интернетот воопшто, се потребни поголем број на локални сервиси. И сеуште стојам на тој став. Техничкиот дел е помал проблем. Во МК има способни поединци и тимови кои можат да направат (и веќе прават) квалитетни интернет сервиси. Но како основен проблем се јавува мотивацијата, предизвикот и познавањето на пазарот, односно делот кој не е во тесна врска со техничката подлога на самиот сервис, да не речам маркетингот :). Добро е што сега има млади луѓе со идеи кои не тргнуваат од техничкиот дел туку од потребата и можен успешен бизнис модел. Сепак, заради неразвиеноста на пазарот, можноста за заработка од локални сервиси не е голема, па затоа неопходно е добро разработување на бизнис моделот и неговиот потенцијал надвор од нашиот пазар.

Порака?

Darko na Predavanje

Може неколку митови, наместо порака? 🙂
– Секој кој користи интернет и знае за Mashable.com знае што е интернет маркетинг и особено маркетинг на социјални медиуми
– На интернет сè може да се измери . Не е точно. Интернетот е далеку од перфектно мерлив медиум, но со сигурност може да се тврди дека е поточен во споредба со сите останати
– Ако направите нешто одлично на интернет, ќе бидете најдени. Не. Без никаква активност околу промоција и дистрибуција, денес шансите да ве најдат се многу мали, сведени на случајност.

gravatar
Автор: Интервју
За авторот: Споделување на идеи и корисни искуства од нашите гости. Информацијата е најдобра кога е од прва рака и тогаш најефективно ги буди креативните вибрации на нашиот УМ.

Comments are closed.