Интернет прелистувачи во подем со HTML5/CSS3

browsers-listThumb

Во моментов сите интернет прелистувачи се подготвуваат за новите промени што повлекуваат клучни предизвици за развојот на Интернет содржините и нивното презентирање.

Воведување на новата технологија

Колку што можеме да видиме главните играчи Firefox и Internet Explorer уште ги третираат и полираат своите бета верзии детално и темелно затоа што ако во новите верзии има и мала отстапка или недостаток, Chrome, Safari и Opera ќе ги добијат своите пет минути.

Можеби е поволно да си најкористениот интернет прелистувач, но затоа имаш секогаш некој што ти дише во врат!

Каша-попара

Периодов ќе биде запаметен по еден парадокс, каде што најкористените интернет прелистувачи во тековните верзии ги немаат целосно вметнато потребните состојки за презентирање на HTML5 содржина. Firefox 3.6 има подршка за новите технологии, но со користење на префиксот -moz- во CSS, а тоа значи за секој нов ефект што го имаме во CSS3 треба да пишуваме уште една линија код, на пример:

  • -moz-border-radius: 2px;
  • border-radius:2px;
  • или -webkit-border-radius:2px;

Во примерот горе сме сигурно дека тоа што сме го направиле во CSS3 ќе работи и на верзијата Firefox 3.6, а во новата Firefox 4 подршката за ова својство е без потребата од користење на -moz- префиксот. Сепак Firefox 4 во моментов можеме да го тестираме само како бета верзија. Во слична ситуација е и Internet Explorer на Microsoft, но разликата е во тоа што тековната Internet Explorer 8 верзија не подржува ништо од новата технологија. Во идната верзија IE9 ќе имаме подршка за сите овие нови промени, а во моментов таа верзија е сеуште во бета фаза. Од Opera ја лансираа новата Opera 11 верзија каде што веќе ги има имплементирано повеќето препорачани W3C CSS3 својства. Освен што некои работат со грешки сите може да се користат без користењето на префиксот (-о-). Со ова Opera го збогатува и модерното искуство во презентирање интернет материјал и на мобилни телефони. Opera Mini може нешто што останатите интернет прелистувачи не можат да го достигнат кога се во прашање мобилни телефони и преносливите уреди. Ако некаде го гледа спасот овој Интернет прелистувач најверојатно е во поголемата користеност на паметните телефони.

koristenjebr-list

Што се однесува на Chrome, кој што имаше голем подем при своето појавување, тој е сега во листата на лошите момци. Освен што е опаднато неговото користење тој ги размати и хоризонтите на Google во креирањето на нивниот Chrome OS. Причината поради тоа е најверојатно снимањето на сето она што го правите кога сурфате на интернет и потоа праќање на тие податоци во Google. На повеќето корисници тоа не им се допадна што на таков подмолен начин им се испраќаат податоците без притоа да бидат соодветно информирани и некако шлаканицата сега Google ја изеде со Chrome OS и малата побарувачка за неговите тест варијанти. Никој не е будала да користи уред што ептен апла ќе снима се што правам на него и ќе му го праќа на Google!? Но Chrome како интернет прелистувач е моќен од проста причина затоа што е базиран на Safari, а сите ја знаеме силата на Apple Safari интернет прелистувачот. Тоа што може да го прави Safari може и Chrome, што значи овие два прелистувачи ја бутнаа малку работата побрзо да се воведат новите HTML5/CSS3 технологии заради игрите што ги играат Apple, Google против Microsoft и Adobe. Игрите се однесуваат во платформата и технологијата што ќе завладее со создавањето на интернет содржина. На Apple и на Google им одговара тоа да биде слободна платформата на која ќе се создаваат пазарни и софтверски натпревари, додека Microsoft и Adobe сакаат тоа да се одвива преку комерцијални и патентирани платформи, но за среќа во моментов од корисничка перспектива нас ни одговара патот што го трасираа Chrome и Safari. И како и повеќето добри кучиња на крајот, IE9 се зафати да ја игра „ламбадата“ доколку сака да биде конкурентен во очите на корисникот.

Ставот на W3C за HTML5/CSS3

w3c

Сакале или не тие што го одлучуваат во оваа организација што се грижи за стандардизација во прикажување на интернет содржина, треба да ги менуваат ставовите во врска со одлуките. Особено поради фактот што минатиот пат кога носеа одлуки за XHTML 2.0 отидоа толку далеку што HTML воопшто немаше, туку се метаморфозираше во XML. Поради тој фактор овој стандард никогаш не го виде светлото на денот и така застанавме десетина години на XHTML 1.0 што се покажа прилично квалитетна комбинација. Барем нè натера нас креаторите на HTML да почнеме почисто и појасно да ја пишуваме синтаксата. Од тука натаму работната група создадена од луѓето што стојат позади Apple, Mozilla, Opera и уште неколку истомисленици направија работна група WHATWG каде што со цврста рака застанаа во одбрана на своите интернет прелистувачи. Интернет прелистувачот е платформата што ја прикажува таа Интернет содржина, а во случајот со W3C овие работи како да беа заборавени. Од оваа нова работна група настана HTML5 работната верзија за која по неколку години W3C покажа интерес и се префрли работата со заеднички групи во рамките на W3C огранизацијата. Сакајќи или не повеќето работи што се искристализираа како спецификации низ таа заедничка работа, W3C го ограничи развојот на HTML5 до точка каде што сепак може да се имплементираат повеќето нови технологии непречено со развојот на Интернет содржините. Сето останато што е одлучено да не се вметнува, премина во работна верзија „HTML beyond HTML5“.

Очекувања

За 2011 година W3C најавија дека ќе воведат делумни спецификации што не спаѓаат ни во делумни препораки, но поради рамката на стандардизација и средување на нередот треба да почнат да ги поставуваат првите чекори. Ова е особено важно бидејќи некако предолгото чекаме на Firefox 4 и Internet Explorer 9. Но тука временските рамки се прилично измешани и се случува една интересна ситуација каде што заложништвото што го имавме до вчера со IE 5/6/7/8 ќе стане без-IE или користи си модерен интернет прелистувач. Mozilla најавија дека Firefox 4 верзијата ќе ја имавме до крајот на февруари што делуваше ветувачки, но Microsoft немаат ништо конкретно изјавено за IE9. Барем сега шпекулациите беа до крајот на 2011, па потоа да стане летото за сега да слушнеме првата четвртина од 2011. Не знам, но најверојатно ќе треба да побрзаат оти како што тргнале работите пророштвото за крајот на Internet Explorer ќе почне да се остварува. Сепак да напоменам нешто за бета верзијата на IE9, тоа што лично имам шанса да тестирам е голем дел од новите технологии, сега за сега се покажа успешно и ветувачки.

Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag, број 33.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот:

Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе…

4 Коментари

  1. Финалната верзија на IE9 ќе биде лансирана на 14 март http://goo.gl/HMpW9

  2. Благој, навистина корисен текст. Твојот пример горе за заоблени агли секако не е ЦЕЛАТА CSS3 моќ, но ако конкретно за него се зборува, тогаш има решенија, хакови ако сакаш наречи ги, кои преку JavaScript или преку behavior (HTC фајл, кој пак е JavaScript) можат да го натераат IE6+ да „фаќа кривини“.

    Инаку, ова со кривините е сосем безначајно, чисто дизајн feature без функционалност, но мене многу повеќе ми се важни измените во, на пример, форм елементите, како што е default focus поле, полиња за внес во дадени маргини и интервали, потоа полиња за внес на време и датум, вградена валидација на формата и слично. The future is bright! 😉

    • @GoodBytes Да, да формите имаат уште поголема интеракција со Интернет прелистувачот. Со новите HTML(5) пррширувања ќе излити валидацијата на тоа што сме го впишале во полињата за текст. Со новата технологија Firefox, на пример, a истото го прави и Opera, валидирањето и внесувањето на точни податоци во формите го регулира самиот Интернет прелистувач што е големо олеснување. Плус Input тагот е проширен и надграден со неколку атрибути како required и placeholder :). А да не збориме што сè може од визуелна гледан точка да се постигне со CSS3, скоро сè е на располагање за една Интернет страна да изгледа баш така како што ја замислил дизајнерот и притоа да користи само код и мојата напомена е да престанеме да ги оптимизираме Интернет страните за да работат на IE 5/6/7/ затоа што тоа е стар материјал што се распаѓа и нема потреба се користи. Ако има такви што го користат тоа е нивни проблем, не може напредокот на Интернет технологијата да биде заложник на една корпорација чија цел е профитот и манипулацијата со коисниците! Или нека се навикнат на Панта Реи или нека дозволат достоинствено да ги згазне времето ;).

  3. Чудно, баш на твојот коментар погоре, знаеш што работам во моментов? Дебагирам грешки во форма кои (како што испадна) се генерирани од IE6 или IE7.

    Се работи за онлајн продавница, што значи не може баш да се примени принципот (со кој иначе се согласувам): унапреди се или пропадни. 🙂