Годинава започнува со нов Интернет – IPv6

ipv6-slika

Internet Protocol (IP) е метод на префрлање на податоци од еден компјутер до друг користејќи ја Интернет мрежата. Односно, секој комјутер има своја уникатна адреса позната како IP адреса и така се поврзува на Интернет. Податоците се испратени од еден компјутер (праќач) до друг компјутер (примач) притоа поминувајќи низ еден куп такви размени по пат. Сите пристапувања на Интернет мрежата се базирани на овој метод, а тоа значи мноооогу такви адреси затоа што сепак сме повеќе од 6 милијарди на планетава.

Промена

Период кога нешто се менува од еден систем на функционирање во друг… Нашето адресирање во Интернет светот треба да го разбираме како поштенските кодови за градови. Во случајов со Интернет мрежата поштенските бројки за градови се заменети со компјутерските уреди што ги имаме насекаде околу нас (и дома). Замислете колку многу такви броеви треба да имаме за само еден човек што има компјутер, мобилен, а сега и телевизор и играчка конзола што пристапува на Интернет. Но тоа функционира малку видоизменето, ние си имаме Интернет пристапни адреси и тие се поврзуваат на неколку типови такви множества. Множествата се тука за да имаме заштеда во користењето на тие глобални Интернет адреси бидејќи пристапот до Интернет во светот се зголемува со огромна брзина и досега пресметано пристап имаат околу 2 милјарди луѓе. Користејќи го IPv4 методот за адресирање на Интернет мрежата се покажа како беспрекорно решение до сега и ги задоволуваше сите потреби на тој развој. Но во последно време научниците што се инволвирани во развојот и одржувањето на таа технологија пресметаа дека 4 милјарди адреси нема да ни бидат доволни за да го приклучиме светот во целата приказна. Ipv4, пресметано во далечната 1970 година, се сметало повеќе од доволен дијапазон на адреси за вмрежување што може да се шири без проблем. Но популација на земјата во тоа време била околу 4 милијарди жители што е и многу логично решение. Плус, сигурно дека нема сите да успеат да си купат компјутер и да се приклучат на Интернет. Со верзијата IPv4 имаме 32 bits состав на адресирање и тој овозможува нешто повеќе од 4 милијарди единствени IP адреси. Со развојот на нашите сограѓани од далечниот исток, Кина, Јапонија и Индија на пример, нивната потреба од Интернет адреси во моментов делува како вакум. Се прогнозира дека на светско ниво ќе се исцрпат сите IPv4 уникатни адреси до 2012 година ако не и порано. Затоа со најавата во 1995 година на Ipv6, постепено е започната таа промена на адресирање со цел да се прошири можноста сите уреди спокојно да се приклучат на Интернет мрежата.

IPv6

list-mrezi

Овој метод на адресирање е составен од податок (бројка) со дијапазон на 128 bits. Во превод, 340 милијарди, милијарди и милијарди … (3,4 x 1038) уникатни адреси. Споредени двата типа на адресирање IPv4 е множество големо колку iPоd во споредба со големата планета Земја како претставник на множеството IPv6. Освен што има поголема можност за поврзување на уреди меѓусебно, во нивната структура може да содржат и букви, што не е случај во IPv4.

На пример:

  • IPv4 адреса изгледа вака: 203.0.113.24;
  • IPv6 адреса изгледа вака: 2001:0db8:3c4d:0015:0000:0000:abcd:kl12.

Како што може да се види од примерот изгледаат прилично различно, но тоа е само изглед. Во основа го прават истото. Најбитно е што IPv6 веднаш го исфрла NAT (Network Address Translation) со што се намалува комплицираноста во комуникациите кај сервери, модеми, рутери и слични уреди што делуваат како инка кон глобалната мрежа. NAT претставува една IP адреса за мрежа од поврзани уреди што ги заменува различните адресите на сите тие приклучени уреди преку тој модел. Така се заштедува употребата на IP адреси за пристап на Интернет, но сега за сега во IPv4, оти нели е прилично стегнат бројот за постоечки уникатни адреси. Со IPv6 се овозможува пристап каде што секој може да си биде со уникатна адреса и така директно секој уред да е поврзан на глобалната Интернет мрежа.

Предности

Една од најважните предности е можноста за поврзување директно на Интернет мрежата без притоа користејќи сервер што ќе треба да го регулира тоа приклучување. Самиот уред делува како клиент и како сервер со што Интернет пристапот ќе биде возможен насекаде, односно на места каде што досега не бил. Поедноставнувањето на нештата повлекува и автоконфигурацијата за адресирање за Интернет мрежата да биде уште полесна. Само уредот треба да подржува IPv6 и „вуала“.
Безбедноста е уште еден чекор напред во иднина, за која не се планираше во минатото со таков широк хоризонт. Ако безбедноста во создавањето на IPv4 се однесуваше само за уредот што прима податоци, денес имаме напади на уредот што испраќа, напади во текот преносот на податоци и напади на самите податоци низ целиот процес на пренос. Тоа не е планирано во моделот IPv4, што сега во IPv6 e решено на подобар начин. Таканаречено IPSec сорджи три типови на заштита, Authentication Header (AH) протокол што овозможува автентикација и интегритет на податокот, Encapsulating Security Payload (ESP) протокол каде што се проверува и нивото на приватноста на податокот, Internet Key Exchange (IKE) каде што се договараат двете комуникацииски точки за начинот на размена на податоци и истовремено се надгледува процесот на размена/договарање со што безбедноста може да се генерира и динамички. На овој начин се подобрува безбедноста во размената на уредот испраќач и уредот примач и заштитува преносот на информации од апликациите, а тоа му го олеснува патот на апликациите затоа што сега немора да содржат сопствена заштита за преносот да се одвива безбедно. Ќе се воведуват безбедносни полиси и администрирањето ќе е стопати полесно. Вака полесното овозможува развој на софтверски сервиси и технологија што ќе овозможи поквалитетни апликации и многу побрза размена на податоци од тоа што го имавме до сега, мноогу побрза.

konektirani-list

Воведувањето на Multicast и Anycast ги зачинува работите уште повеќе. Multicast овозможува голем пренос на податоци во хиерархиски распоред со само еден интервал. Ваквиот начин на распоред во пренос на податоци овозможува регулирање на тек каде што директно се пренесува некаква константна информација (звук, видео, вести). Овие податоци би се пренесувале само онолку колку што е доволно и не би придонесувале во оптеретување на мрежата или блокирање на текот на податоци за останатите уреди. На пример, ако гледате на вашиот телевизор Интернет телевизија и тоа го прават уште неколку станови во вашата зграда, тогаш одредена количина на податоци се резервирани специјално за тој начин на размена што е вграден во телевизорот и ништо повеќе или помалку. Еден сервер во зградата може да го регулира тој пристап до Интернет и истовремено нема да дозволува побарување на Интернет повеќе од тоа што може да си го дозволи самиот уред.

Прогноза

Денес во голем дел се имплементира новиот модел на адресирање IPv6 што започна интензивно од 2008 наваму, а се очекува да заврши до крајот на минатата (2010) година. Сега барем ќе се разјасни неговото постоење во нашите оперативни системи.

Овој текст е оригинално објавен во списанието ClickMag.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

2 Коментари

  1. […] This post was mentioned on Twitter by Martin Spa, Goran Mitev and Martin Kocev, List.mk. List.mk said: Блог: Годинава започнува со нов Интернет – IPv6 http://bit.ly/gjUhrA […]

  2. […] универзум со смисла, инаку ќе беше само една обична IPv4 (следна IPv6) адреса за прикачување на некој електричен уред. Во […]