Читајте аудио книги со LibriVox

librivox-listmk

Во денешно време читањето книги, освен што може да го правиме преку сетилата за вид, може да го правиме и со сетилата за слух!

LibriVox е Интернет дигитална библиотека од аудио книги достапни како општо добро или јавна лиценца (public domain). Буквално секој со желба за читање или сака да чита, може да ги зачува на својот компјутер, таблет компјутер или паметен телефон, поткован со сет од слушалки или звучници. Библиотеката е создадена со едностaвна благородна цел „сите книги да бидат дистапни, бесплатно, како аудио формат на Интернет“. Ваквиот начин на звучно читање овозможува и достапност до литературата за слепите луѓе или лицата со нарушен вид.

Библиотеката веќе има достигнато бројка со над 6000 книги, а постои од 2007 година. Повеќето аудио книги се популарни класици, но и новите дела што волонтерите ги читаат се исто така достапни за сите. Нема никакво јазично ограничување, доколку постојат заинтересирани и од македонско говорно подрачје може да ги читаат книгите. Читањето е едноставно, нема никаква аудиција и сè што треба да направите е да се зачлените на форумот. Јас досега имам преслушано над 15 книги, а во моментов ја читам Теоријата за неработничката класа од Торстен Веблен. Може да се најдат дела од Фројд, Томас Мор, Платон, Аристотел, Орвел, Хаксли и многу други.

Предности со ваквиот начин на читање

Овој начин на читање овозможува различни пристапи, а опремата што може да ја користите е телефон што подржува MP3 или OGG аудио записи и сет слушалки. Не сте обврзани да држите книга или уред во рака за да читате и притоа да сте фокусирани само на читањето. Искуството на читање може да се премести додека возите или се возите при долги патувања, додека чистите, додека работите некоја друга махинална работа, релаксирано на фотелјата, додека чекате некој или нешто итн. Важно е што доколку некое поглавје не сте го разбрале или ви треба уште еднаш да го преслушате едноставно го пуштате од почеток и го правите тоа без притисокот од „кој ќе го чита пак овој дел“.

Сега за сега повеќето книги може да се најдат на англиски јазик, но има и на германски, француски, кинески и други. Волонтерите обично може да исчитаат од едно до неколку поглавја, но има и такви што исчитале гласно и цели книги. Топло препорачувам да го пробате овој нов начин на читање, автентичен за овој милениум и се надевам дека ќе се пријават волонтери-читачи и од Македонија.

Сепак освен LibriVox постојат и други такви аудио библиотеки на книги и тие што ги читаат гласно се платени, но исто така се плаќа и самата аудио книга. Без разлика, препораката за звучно читање и со плаќање, таквата платена опција овозможува подобро аудио искуство, а доколку сум пропуштил некоја сродна Интернет аудио-библиотека слободно споделете во коментари.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

Comments are closed.