CDBurnerXP бесплатна апликација за снимање дискови

cdburner-thumb-list.mk

Бесплатна апликација што може да ја преземе и употребува секој што снима DVD или CD на Windows оперативен систем. Тоа што е бесплатна не ја прави ограничена туку напротив, наменета е само за снимање дискови со целосен аранжман на алати за таа работа и плус подржува повеќејазичност.

Со неа може да креирате и снимате ISO датотеки, што ја прави комплетна со сите нишани, a многу корисници според тоа што го коментираат за неа ја креваат дури погоре од Nero што денес се претвори од софтвер за снимање цедиња во софтвер за еден куп други работи освен за тоа што беше оригинално направен. Било која апликација за снимање цедиња, барем според мене, треба да е наменета само за тоа и да не зафаќа многу голем простор.

Што може да правите со CDBurnerXP?

  • снимање на сите видови записи на CD или DVD
  • Audio цедиња со или без пауза помеѓу песните
  • снимање и креирање ISO датотеки
  • верификација на снимен диск
  • креирање bootable дискови
  • повеќејазичен интерфејс
  • bin/nrg во ISO конверзија
  • печатење на CD обвивка
  • оперативен систем: Windows 2000/XP/Vista/7
  • и други додатоци во сите горе наведени точки

Кратка историја

Софтверот е дело на Стефан Хаглунд, програмер од Шведска што се занимава со креирање компјутерски софтвери, кој направил успешна апликација со едноставна цел. Иако тој самиот е open source програмер и го подржува истиот, CDBurnerXP не е лансирана под таа капа. CDBurnerXP е бесплатна апликација што не е слободна, но наменета е за секој што сака да ја користи. Тоа е .NET апликација што значи доколку немате инсталирано .NET framework на вашиот Windows оперативен систем, ќе треба да го направите тоа за да може да ја користите.

Користење

Welcome CDBurner XP

Кога ќе ја вклучиме CDBurnerXP прво што ќе не сретне е прозорец за добредојде од каде јасно се гледа изборот на тоа што сакаме да правиме со неа. Почнува со „Data Disc“ снимање на обично CD/DVD со податоци, „Audio Disc“ снимање на музички аудио запис, „Burn ISO image“, „Copy disc“ комплетно копирање на CD/DVD или копирање на неговата содржина на вашиот хард диск и „Erase disc“ односно бришење на rewritable CD или DVD. На пример, ако снимаме диск со податоци („Data Disc“) на почетокот треба да го избереме тоа од почетниот прозорец. Следниот прозорец е избирањето на податоци што сакаме да ги ставиме на тој диск, а распоредот на панелите што ќе не сретне потоа е поделен во неколку делови. Во зависност од тоа како ви прилега вам може да изберете вертикален или хоризонтален преглед (View -> Tile -> Vertical или Horizontal). Од „Explorer Window“ во левиот дел или горе лево, во зависност од распоредот што сме го избрале, пребаруваме низ податоците на компјутерот што сакаме да ги ставиме на цедето. Тие податоци ги ставаме во „Compilation Window“ каде се содржани податоците што треба да ги снимаме на дискот. Во најдолниот дел се наоѓа статусна табла што ни покажува колку сме го исполниле дискот и информација со вертикална тенка црвена линија што ја означува големината на дискот што сакаме да го снимаме.

Снимање податоци

Ставањето на податоци се прави преку Add копчето што има сликичка со зелен плус или со влечење и спуштање на избраните податоци во делот наменет за цедето. Доколку се случи да ставиме нешто по грешка или нешто не сакаме да се сними на дискот, тогаш го избираме и го вадиме со Delete копчето на тастатурата, односно со копчето Remove што има сликичка со црвен Х (икс). После се кога ќе стигнеме до саканата големина на податоци или до големината што ни ја овозможува дискот, избираме Burn или Save во зависност од тоа дали сакаме веднаш да се снима дискот или не. Доколку го избереме копчето Save (Ctrl+S на тастатурата) тогаш сме ја зачувале компилацијата и можеме да ја повикаме кога сакаме. Ако избереме Burn (Ctrl+B на тастатурата) тогаш нов прозор ќе се појави што не прашува дали дискот ќе го доснимуваме (Leave disc open), го завршуваме (Finalize disc) или избор на напрадени нагодувања (Let me choose advanced settings). За крај избираме Burn disk или Cancel ако се откажеме од снимање на цедето.

Преглед на дискот

Другите типови на снимање цеде се исто така лесни и се базираат на овој принцип, со соодветни промени во зависност од форматот на податоците со кои располагаме. Се на се CDBurnerXP е апликација што овозможува да правите се што може да се прави кога станува збор за снимање на дискови. Спакувана е квалитетно, особено по верзијата CDBurnerXP 4 со комплетен состав на решенија за експлоатирање на оптичкиот режач во вашиот компјутер и празните дискови што ги ставате во него.

gravatar
Автор: Капсаров Благој
За авторот: Од сите сплетки и досетки се обидувам да инспирирам доволен број на луѓе што сакаат да го користат мозокот за креативен и позитивен развој. Мотото го позајмив од Рене Декарт: Cogito ergo sum! повеќе...

Comments are closed.