15 Корисни iPhone апликации за дизајнери


За наредниот пост решив да не барам инспирација од интернет, да не листам низ книги за дизајн, да не критикувам некој наш дизајн, да не бидам плагијатор…туку едноставно да погледнам што од апликации имам на мојот iPhone кои ги користам секојдневно, а кои би биле корисни за веб и графички дизајнери и се бесплатни.

Linkedin
Сигурен сум дека сите добро знаете за Linkedin. Практично сите функции што ги има сајтот ги има и овде. Вашите професионални контакти се само на еден допир од вас, менување на статусот, следење на останатите профили, лесна комуникација, закажување состаноци, праќање покани за поврзување, пребарување по име, компанија итн.
Со последната надградба има повеќе стил на Фејсбук апликацијата и изгледа со поатрактивен интерфејс.

Flickr
Доколку го користите овој сервис на Јаху за споделување на слики и во поново време и видеа, знаете добро за што се работи. Сте сликнале добра фотографија а сакате да ја споделите само со вашите контакти на Flickr, сега е тоа многу лесно. Апликацијата има одличен слајдшоу како прва страна со познатиот Ken Burns ефект со најновите прикачени фотографиите, ваши или на вашите контакти. Сигурно сте сретнале и други апликации кои ја имаат опција „испрати ја сликата на flickr“ но барем во овој случај официјалнава е сега за сега со најмногу опции за споделување.

Mashable
Познатиот блог за социјални медии од неодамна има и апликација за iPhone и iPad. Со едноставен дизајн, прегледен, сите новости ви се лесно достапни. И не само тоа, веднаш може да ги споделите на Фејсбук или Твитер. Со последната надградба може да пребарувате по канал, категорија, таг или автор, интересните статии да ги оставите за читање подоцна, надворешните линкови се отвараат во самата апликација, а не во Сафари и многу повеќе.

Photoshop
Познатиот Фотошоп сега и на iPhone. Нема потреба од објаснувања за што служи Фотошоп, веќе добро познато. Меѓутоа за што може да ви послужи на вашиот iPhone. Се разбира, за едитирање слики. Доколку сакате на брзинка да исечете некој дел од слика, да осветлите, додадете поголем контраст или сл. тоа е брзо и само со неколку допири. Дури и некои поинтересни ефекти како скеч, сепија, најразлични рамки ви се на располагање. Со последната надградба вашата едитирана слика лесно ја споделувате на Фејсбук, Твитпик или ако имате албуми на photoshop.com

Abduzeedo
Еден од најпознатите блогови за инспирација. Дневно од 50 до 100 слики од веб, графика, индустриски дизајн, фотографирање… може да прегледувате на вашиот iPhone. Тоа е и единствената работа на првата верзија, покрај споделувањето се разбира на Твитер и можноста од снимање на сликите во вашата Фото Библиотека , но основачот Фабио Сасо најавува дополнување со многу повеќе опции и новини со наредни верзии на апликацијата.

Engadget
Еден од најпознатите блогови и секогаш прв во сферата на ИТ технологијата и се друго поврзано со неа има и своја iPhone апликација. Ако сте зависник од новини во светот на компјутерите, мобилните телефони ХД индустријата, геџети, прототип проекти на иднината…ова е одлична апликација за вас. Се разбира како и повеќето апликации тука е споделувањето преку електронска пошта, фејсбук и твитер. Исто така може да означите сторија за читање и кога сте офлајн. Имате пристап до нивниот подкаст, видео галеријата, може да коментирате, има интегриран мини прелистувач за да не мора да ја затворате апликацијата. Лесна е прегледна навигација.

Cooliris
Оваа апликација за прв ја сретнав како додаток за Фајрфокс. Пребарувањето на слики го прави многу поинтересно со 3Д ѕид. Значи функцијата е иста и како апликација за iPhone. Поддржува страни како Јаху, Гугл, Фликр, Пикаса…Со последната надградба е многу побрза и има поддршка и за Бинг и Твитер. Само придвижете го мобилниот настрана за да почне листањето.

Delicious
Доколку ја користите екстензијава на вашиот прелистувач за зачувување на вашите омилени веб страни, не треба многу објаснувања кои се можностите на Delicious. Сите ваши омилени веб страни сега ги имате и со себе, секогаш. Може да пребарувате по тагови или клучни зборови, и не само вашите туку и најпопуларните веб страни споделени од сите оние кои имаат профил на Delicious и се разбира заштитено со вашето корисничко име и лозинка кое оди преку SSL енкрипција за да вашите омилени страни означени како приватни останат приватни.

Palletes
Одлична апликација за управување со бои наменета за сите веб дизајнери. Замена доколку ја немате вашата омилена дескттоп апликација. Ги има скоро сите стандардни опции. Креирање палета на бои од веб страна, од фотографија или рачно. Експортирање на истите за користење во Фотошоп. Илустратор, Гимп…и праќање преку мејл. Листање на боите во различни профили  RGB, CMYK, HSB, црно бело и сл. Палетата може да ја снимите како слика, или закачите на colorlovers.com. И најдобро од се, секој пат се стартува онаму каде сте завршиле последниот пат.

WhatTheFont
Добро познатата веб страна MyFonts со сервисот WhatТheФont е достапна и за iPhone. Сигурно често ви се случило на постер, реклама, списание да видите некој одличен фонт кој би сакале да знаете кој е и да може да го користите во вашите следни дизајни. Сега се што треба да направите е да го сликате делот со фонтот и апликацијава за неколку секунди ќе го идентификува. Ако не, ќе ви даде листа на слични фонтови каде вие ги означувате препознаените букви и го бирате соодветниот фонт. Се разбира тука е  опцијата да го пратите преку мејл или да ги видите сите детали околу него во Сафари прелистувачот. Во наредните верзии се најавуваат и опции како геолокација, да знаете каде сте го виделе фонтот и можност освен автоматско препознавање, корисниците на форумот на MyFonts да може да ви помогнат околу точниот фонт.

Fontshuffle
Најбрзиот извор за инспирација за типографија. Стотици каталози со фонтови сортирани според визуелната сличност. Погледенете како потребниот збор ќе изгледа со било кој фонт во живо. Сеуште не сте нашле фонт кој ви се допаѓа? Само затресете го вашиот iPhone и нови и нови фонтови ќе ви се појавуваат.

Mill colour
Уште една апликацаија за брзо и лесно едитирање на сликите кои ги правите со вашиот iPhone. Едноставна за работа, и главна предност пред Фотошоп апликацијата е готовите филтри и ефекти, како принт, чоколада, инстант, седумдесети, милки, промо, избледени слики  и други. Освен готовите ефекти имате и рачна контрола на боите, сатурација, светлина, гама и сл. И за крај сликата може да ја снимите до резолуција од 1600 х 1200 пиксели.

Dexigner
Оваа апликација ви ги дава најновите вести од областа на дизајнот.  Сите моментални и идни дизајн настани, саеми и конференции низ светот, а и оние блиску до вас, сите дизајн натпревари, листа на книги за дизајн, листа на најдобрите дизајнери низ целиот свет сортирани по држави и области…се на се одличен начин да бидете во тек со најновите случувања.

iCheatSheet
Специјално за оние кои се занимаваат со веб кодирање. Сигурно често ви се случило да заборавите како беше некоја команда во HTML, CSS, PHP… и немате интернет и тоа го правите во Notepad тогаш оваа апликација мора да ја имате. Едноставна и лесна за употреба, а може да ви се најде во многу ситуации.

Awesome Note
Доколку често ја користите оригиналната Notes апликација често, тогаш аNote е апликација токму за вас. Со одличен и интиутивен интерфејс, и со многу повеќе опции. Лајт верзијата е бесплатна, но иако е Лајт нуди многу. Сега запишувањето белешки и потсетници не е веќе досадна работа. Може да прикачувате слика, мемо за брзи записи, белешките се во фолдери, кои може да ги праќате по мејл, да ги заштитие со лозинка. Она што ја прави уште поатрактивна се изборот на теми и синхронзацијата со Google Docs, но сега само во фул верзијата.

Се надевам дека листава ќе ви биде корисна.
Доколку пак вие знаете или користите други апликации кои се поврзани со дизајн, а се бесплатни слободно споделете во коментарите подолу.
За симнување од iTunes Store само кликнете на соодветната слика од апликацаијата.

gravatar
Автор: list
За авторот: Место каде што се собираме и споделуваме информации од дигитална природа со креативен карактер.

1 коментар

  1. […] истовремено што постои во користењето на тоа софтверско решение во подоцнежна напредна […]